|
За што размислувате кога не мислите на политика?
|
||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||
За што размислувате кога не мислите на политика? БиБиСи разговараше со неколкумина познати интелектуалци и личности од Македонија
кои го кажуваат своето мислење.
======================= СЛОБОДАН УНКОВСКИ
-„Не мора да се размислува само за политика, се разбира таа е важна за нашите животи, меѓутоа животот е толку поширок и позначаен од дневните политички настани, што навистина е огромно поле не само за размислување, туку и за истражување. За жал, политиката битно влијае на нашиот ритам, нашиот живот, нашето поле за работа. Во последно време не размислувам многу за политика, гледам да се одвојам што повеќе, и да донесам некаква одлука по своето сопствено чувство, не базирано на дневната пропаганда. Во овие 17-18 години на самостојна Македонија, политиката се избори за еден простор што не и’ припаѓа и почнува да ги гуши иницијативите и, би рекол, дури и слободите на граѓаните и тоа е еден процес што не е добар.“ ==============================================
ФЕРИД МУХИЌ
-„Кога не размислувам за политика, а се трудам тоа да е што почесто, бидејќи ова што се случува станува опсесивно и репресивно, размислувам за тоа како политиката го направи човекот да биде како кромид, го завитка во многу етикети, неговата припадност или неприпадност, дали е од белите или од црните..... Симнувате слој по слој и на крај како кај кромидот не останува ништо. Тоа не е добро. Оваа алегорија наречена живот, може да биде повозбудлива, тоа е единственото нешто што човекот го има и би требало да се има и себеси во тој свет.“ ==============================================
ЉУБОМИР ФРЧКОВСКИ
-„Кога не размислувам за политика во потесна смисла, тогаш е сепак некаква политика на човекови права и на некакво ново поставување на политичките проблеми во македонската политичка култура, начини на работа во цивилното општество и медиумите. Тие не мора да се директно политички, но се однесуваат општо речено, на борба за слобода, со еден збор, зона на јавна расправа, надвор од тесно партискиот дискурс. Примитивната партиска политика го попречува просторот на вистинската расправа во која на одговорен, умен, а малку и на анархичен начин треба да се расправа.“ ==============================================
АЛИ АЛИУ
-„Размислувам за убави работи, како да ми се тоа два пола на размислување, на лоши и добри работи. Размислувам за интимната фамилија, за мојата работа, за добрите книги кои ги читам или сум ги оставил и се враќам назад кон нив и навистина се чувствувам порелаксиран. Штом ќе вклучам телевизор или прелистам весници, ми се руши тоа чувство, ете, на тој начин, за жал ја чувствувам полотиката. Моментално работам на еден подолг текст за поезијата на Фатос Арапи кој годинава ја доби наградата на ’Струшките вечери на поезијата’. Инаку, до себе имам повеќе книги - книгата на Халед Хусеин од Авганистан ми е меѓу последните прочитани книги - неговиот роман „Илјада сјајни сонца." ==============================================
СЕРГЕЈ АНДРЕЕВСКИ
-„Размислувам за птиците, ги слушам звуците и натпреварот што го имаат меѓу себе. Размислувам за зелената боја, која е поинаква од онаа што ја гледам на моите патувања низ светот, во неа има и среќа и радост и се раѓа нов свет. Размислувам често за Македонците кои освен за политика не размислуваат за ништо друго. Кога патувам, разговарам со луѓе кои мислат малку поинаку и ги интересираат толку многу убави работи, откритија, знаат да ја допрат земјата. Ние уметниците размислуваме и кога одиме. Одам на пазарите, ги примам боите и правам архива која подоцна преку рацете се истура врз платното и сведочи за она што сум го видел на пазарот или во разговор со луѓето.“ ==============================================
ИВАН КАТАРЏИЕВ
-„Прво, би сакал да се создаде стандард кој ќе им овозможи на луѓето да не мислат за утрешниот ден, или како да најдат парче леб. Второ, би бил крајно среќен кога ќе ми текне да не одам по амбасадите да барам визи со месеци, туку да можам да го прошетам светот, разните културни институции таму. Трето, многу би ми било драго кога меѓу соседите би постоела толерантна комуникација, кога би постоеле врски не само официјални, туку и индивидуални, кога не би било значајно кој е од каде, туку луѓето да се поврзуваат меѓу себе.“ ==============================================
ЃУЛУМСЕРЕ КАСАПИ
-„Иако човек не може да ја избегне актуелната ситуација, перспективата ја гледам во професијата. Работам на два проекти, семејна педагогија и инструкции за играта во предучилишна возраст. Исто така работам и на на подолгорочен научен проект - албанското семејство во Македонија и македонското семејство, нивните карактеристики и различности.“ ==============================================
ВЛАДИМИР МИЛЧИН
-„Собирам ЦД-а со ’светска музика’ и се прашувам што е проблемот со нас, кои иако сме убедени дека нашиот фолклор е еден од најбогатите во светот се’ уште немаме компилациски или индивидуални изданија на некоја светски позната музичка куќа. Проблем е што нема сериозни продуценти и второ, што мислам дека со склучување договори со странски продуценти може да им се наруши монополот во експлоатацијата на музичкото богатство на Македонија. Особено бев загрижен кога видов дека музичката архива на Македонското радио е веќе разнесена и скриена по приватни домови.“ ==============================================
КИМ МЕХМЕТИ
-„Размислувањето за политиката е неприродно, лично се трудам да не размислувам за тоа, туку за суштината на животот, за неговата смисла. Како творец сакам да размислувам за моите наредни дела каде се чувствувам суверен и не дозволувам политиката да ми го наруши тој свет. Македонија е убава земја и подобро е еден ден да прошетате во невина природа, отколку да направите било што друго што може да им наштети на луѓето.“ ==============================================
ВЕНКО АНДОНОВСКИ
-„Прашањето крие една стапица, зошто и кога мислам дека не размислувам за политика јас всушност повторно размислувам за политиката и се прашувам што размислува таа кога не се занимава со мене и доаѓам до заклучок дека таа размислува за мене. Живеам во такво општество во кое не можете да останете аполитичен, дури и ако сте писател по вокација, сликар или музичар. Кога ќе го завршите вашето дело, кога ќе ви заврши тој азил во уметноста кога мислите дека не се занимавате со политика, доаѓа до оној момент кога вашето дело треба да се пласира некаде. Во тој момент политиката почнува да се занимава со вас и бидејќи ги држи сите мостови на власта, сите контроли на финансиите, почнува да се занимава и со вашето уметничко дело.“ |
|||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||
|
|||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||
|
|||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||