BBCMacedonian.com
Aлбански
Српски
Турски
 
Ревидирано на: 04. Август 2008 - Објавено на 14:51 GMT
 
Испрати имејл на пријател   Верзија за печатење
Духот на Тетово
 
Центарот на Тетово
Од паланка, последниве децении Тетово го измени ликот и израсна во модерен градски центар. Освен ликот, се сменија и навиките, менталитетите на неговите жители кои потекнувајќи од различно верско или етничко потекло влијаеа и едни врз други.

Мешавина од луѓе, навики, менталитети: вака денес изгледа Тетово. Ако до пред пет децении одлика на градот бил мирен, маалски живот, денес Тетово доживува економски, инфраструктурни, сообраќајни, образовни, културни промени.

Сите новини ги носат луѓето, кои во текот на децениите заеднички живот влијаат и врз градот, но и едни врз други. Мирко Видоески е претседател на литературниот клуб „Кирил Пејчиновиќ“:

-„Наглата индустријализација на Тетово, со доселување на луѓе од руралните средини, и со масовно доселување кое почна после 60-те, 70-те години на луѓе од други предели од бивша Југославија со свои сваќања, со свои поинакви цивилизациски кодови, со поинаков менталитет, култура, кои што, на некој начин го сменија ликот на Тетово“- вели Видоески.

Тетово бележи и интер-етнички промени, и кај Македонците и кај Турците и кај Албанците. Доктор Илир Љума, стар тетовец, вели дека доселувањето и иселувањето на луѓето довело до судир на менталитети:

-„Имаше, јас би рекол, секако, на почеток, судир на менталитети, значи, не на етнички појави, туку судир на менталитети, имаше судир на менталитети внатре во албанската популација, имаше судир на менталитети, исто така, внатре во македонската популација“, вели Љума.

Безличност?

Градот во минатото бил поделен на два дела, Горна и Долна Чаршија.

Во Горниот дел живееле претежно муслимани, а во долниот христијаните. Сега овде е останато многу малку од духот на старо Тетово. Љуљиета Абази- виш кустос во Музејот на тетовскиот крај вели:

-„Старите објекти што ги имаме уште што постојат, за среќа, Шарена џамија, Камениот мост, од петте моста само еден останал во градот, и Теќето, тие се мислам најбитните, што останале од старите архитектури“, вели Абази.

Д-р Илир Љума се сеќава на старото, веќе заборавено корзо:

-„Без оглед на националната припадност на луѓево, се среќаваа, едни со други се почитуваа“, вели Љума.

Шарена џамија

Поетот Мирко Видоески смета дека кичот и големите градби му ја украдоја душата на Тетово:

-„Тетово сега станал еден современ град, безличен современ град, се градат и современи градови, меѓутоа со душа, Тетово ја нема душата. Тетово ја имаше душата, душата на градот му ја даваат тие старини, тие стари сокаци, куќи, меѓутоа најголемата душа му ја даваат луѓето- тетовците.“

Според Видоески, несватливо е наметнувањето на имиња на улици кои не соодветствуваат со тетовската историја, кога тоа е начин да се зачуваат од заборав имињата на култните тетовци:

-„Ацо гангстер, еден Мирко Пишман, еден Трпе Џинле. Тетово мора да има улица што го носи името на Панче Камџик, затоа што Панче Камџик глумел во повеќе од 40 филмови, добивал награди за епизодни улоги, Панче Камџик беше белег на Тетово, душата на градот“, вели Видоески.

Различните култури влијаеле една врз друга. Најмногу во познавањето на јазикот на другиот. Но, денеска, по низата промени на градот, ретко кој го зборува јазикот на другиот.

Историчарот и архивар Бране Светозаревиќ го истражува минатото на Тетово:

-„Кај Македонците најмногу Турците влијаеле, затоа што во градот најмногу имало Турци и Македонци до пред 60-70 години. Сите постари тетовци и ден денеска и моите дедовци, и така натаму, сите знааеле турски јазик, бидејќи тоа бил јазик на бизнисот, на чаршијата, бизнис јазик, и никому не му пречело да комуницира на тој јазик“, вели Светозаревиќ.

-„И тоа е некаква култура, да знаеш што повеѓе јазици, јазикот на твојот сосед, на пример, за да можеш да комуницираш, меѓутоа денеска, младите, не верувам дека даваат толку важност на тоа“, вели археологот Љуљиета Абази.

Со ова се согласува и д-р Љума:

-„Сега има таква појава на аутизам, би рекол, социолошки аутизам по однос на јазикот, луѓето се повлекуваат во своите етнички капсули“, вели Љума.

Градот се менува, се менуваат и културните навики. Видоески е револтиран зошто не се најде начин во Тетово да се продолжи богатата театарска традиција на македонски јазик:

-„Младите не знаат дека Тетово до 55-та, 56-та, 57-ма имал професионален театар, Тетово сега доби професионален театар, за жал без трупа на македонски јазик и тоа не смееше да го дозволи државата, ниту ние Македонците во Тетово“, смета Видоески.

Она што и ден денес ги соединува муслиманите и христијаните во Тетово е идентичниот начин на празнување на Велигден и Бајрам. На денот на празникот мажите и децата ги посетуваат роднините, пријателите. Историчарот Светозаревиќ ни раскажува:

-„Во Тетово е прифатен само начинот на честитањето, онака како што тоа го правеле Турците за Бајрам, или муслиманите за Бајрам. Еве јас лично, ако мене некој ме праша, мене воопшто не ми пречи, едноставно е многу убаво и тоа е една од поретките прилики, посебно сега, во ова денешно време, да се видам со роднините и пријателите“, вели Светозаревиќ.

Да се зачува заедништвото, појава што го следела Тетово низ историјата е речиси невозможно со глобализацијата и новите ветрови кои донесоја нови правила на живот.

Д-р Љума смета дека тетовските универзитети ќе влијаат врз зближување на младите од различно потекло:

-„Со можноста внатре и од едниот и од другиот етникум заедно студирајќи, живеејќи, веќе се гледа дека има едно такво приближување“, смета Љума.

Но, Видоески не се согласува:

-„За жал, кремот, интелектуален од Тетово се отсели“, вели тој.

 
 
ЛОКАЛНИ ЛИНКОВИ
Тетовските „вторниковци“
26 Август, 2008 | magazine
НАЈНОВИ ВЕСТИ
 
 
Испрати имејл на пријател   Верзија за печатење
 
 
  За нас | Пишете ни
 
 
BBC Copyright Logo ^^ Назад на почеток
 
  Вести | Македонски печат | Британски печат | Учете англиски | Време
 
  BBC News >> | BBC Sport >> | BBC Weather >> | BBC World Service >> | BBC Languages >>
 
  Помош | Пишете ни | Приватност