|
Колку е тешко да си добар судија?
|
||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||
„Отвори си ги очите, судија!" „Сакаш ќотек?"
Ова се вообичаени и помалку насилни изливи на гневот на навивачите кон судиите, особено ако екипата губи. Иако судиите главно носат точни решенија, тоа никако не се случува секогаш. Судбината на еден меч може да зависи и од најмали решенија. Затоа, во обид да ги подобри стандардите, во Британија е оформена нова организација која ќе ги собере најдобрите таленти на судењето во различни спортови. Кога пред извесно време Рединг играше против Ватфорд во англиската лига, домашните поведоа со еден спрема нула. Но судијата Стјуарт Атвел и неговиот помошник Најџел Банистер, веројатно беа единствените двајца во Британија кои мислеа дека Рединг навистина даде гол. Топката се тркала лево-десно пред линијата на голот но не ја поминува и според зборовите на коментаторот на БиБиСи, ова „ни приближно не е гол". Судиите мора да ги трпат критиките од играчите, тренерите, навивачите, коментаторите и сите оние што дома ги гледаат на телевизија. Им треба издржливост. А деновиве истото важи и за друг популарен но понежен англиски спорт, крикетот. Џефри Бојкот, жива легенда на англискиот крикет, сега е познат коментатор кој ги растура судиите кои според него, грешат.
Навивачите го чувствуваат истото. Па што може спортските службеници во вакви спортови да сторат за да ги подобрат стандардите на судиските решенија? На стадионот Твикенам беше формирана нова организација. Наречена е „Здружение за службеници во елитните спортови" и се вели дека целта е да се спојат најдобрите судиски таленти од фудбалот, крикетот и рагбито. Надежта е дека новото здружение може да промовира попозитивен имиџ за спортските службеници. Шефот на меѓународната управа на рагби-судиите, новозеланѓанецот Педи О Браен, мисли дека ова е одлична идеја: -„Секој спорт што има службени лица, е соочен со ист проблем. Мислам дека споделувањето на идеите, како се справуваат со притисоците, како со лошите новинарски известувања, како со лошите решенија. Тоа не е ново или единствено само за еден спорт, рагби, фудбал, или било што друго. Тоа е заедничко за сите спортови. И мислам дека колку повеќе може да споделиме а да не измислуваме топла вода одново, тоа ќе биде подобро за сите официјални лица во цел свет.“ Една област во која искуствата од други спортови може да бидат корисни е примената на технологија како видео-снимките за да се помогне во решенијата. Но Греам Пол, поранешен фудбалски судија, чувствува дека, барем во неговиот спорт и што и да се мисли во новата организација, управните тела ќе ја одложат ваквата реформа:
-„Ако сакаме да речеме дека видео-технологијата го унапреди крикетот, на пример со трет судија кој донесува решенија кои се конечни, топката е или внатре или надвор, тука нема мислење. Но Мишел Платини, во УЕФА и ФИФА рече дека забранил секакви експерименти. Нема да има вакви експерименти со видео-технологијата во фудбалот, што и да сака да стори група од добронамерни службени лица.“ Значи, за Греам Пол, новото „Здружение за службеници во елитните спортови" има повеќе имиџ одошто содржина. Но и тој верува дека може да придонесе нешто. Иако судиите имаат дебела кожа, ако тие може да избегнат некоја од овие навреди, нивните животие ќе станат многу полесни. А и навивачите може да бидат малку посреќни исто така. |
|||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||
|
|||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||
|
|||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||