BBCMacedonian.com Launch BBC Media Player
Aлбански
Српски
Турски
 
Ревидирано на: 11. Мај 2008 - Објавено на 22:18 GMT
 
Испрати имејл на пријател   Верзија за печатење
ЕУ ја поздрави победата на Тадиќ
 
Прослава на приврзаници на Тадиќ во Белград
Речиси 7 милиони Срби имаа право на глас
Европската унија ја поздрави, како што рече, јасната победа на проевропските сили на парламентарните избори во Србија, кои се сметаа за своевиден референдум за иднината на европското интегрирање на земјата.

Српскиот претседател Борис Тадиќ прогласи победа за неговата прозападна коалиција откако првите резултати покажаа дека тој има добра предност со преку 36% од гласовите.

Националистичката Радикална партија заостанува за осум проценти а нејзиниот водач Томислав Николиќ го оспорува настојувањето на Тадиќ дека неговата партија е единствената способна да формира законска влада.

Дописникот на БиБиСи од Белград јавува дека веројатно ќе бидат потребни месеци да се формира нова владина коалиција во која може да влезат и Социјалистите на починатиот Слободан Милошевиќ.

Тадиќ рече дека Србите го избрале патот на интеграција со Европа, но вети дека неговата влада нема да го признае Косово како независна држава.

Неговиот блок нема да има мнозинство во парламентот и ќе мора да формира коалиција со помалите партии.

Косовската декларација на независност беше голема тема во изборната кампања.

Несогласувањата околу тоа како да се реагира кога повеќето ЕУ земји го признаа Косово, предизвика пад на кревката коалиција на Демократската партија на Тадиќ и националистичката Демократска партија на Србија, предводена од премиерот Војислав Коштуница.

На Србите на Косово им беше дозволено да гласаат иако владата на косовските Албанци и ООН рекоа дека гласањето за нив е незаконско.

Претставникот на ОН, Јоаким Рикер, рече дека исходот од изборите нема да биде признаен.

Знаци на олеснување

Околу седум милиони Срби имаа право да гласаат.

Конечниот одѕив беше 60,7%, соопшти невладиниот Центар за слободни избори и демократија.

Проекциите на резултатот, засновани врз примерок од целата земја, посочуваат дека Демократската партија и нејзините сојузници освоиле околу 39%, а Радикалната партија 29%.

 Изборите на 11-ти мај се форма на референдум на кој граѓаните ќе решат дали Србија...ќе биде членка на ЕУ или не
 
Борис Тадиќ, претседател на Србија

Известувачот на БиБиСи од Белград, Оана Лунџеску вели дека Тадиќ, за малку ре-избран минатиот јануари пред водачот на Радикалите, Томислав Николиќ, сега би можел да има многу посилен мандат како поткрепа на неговото ветување дека ќе ја приближи Србија до ЕУ.

Поделена нација

Мина нешто повеќе од една година минатите општи избори кои завршија со неизвесен исход.

Огорчената кампања се чини дека ја остави Србија уште по-поделена, вели нашиот известувач.

Тадиќ и неговите сојузници го поздравија потпишувањето на долго-одложуваната спогодба со ЕУ како сигнал дека Србија е на пат кон членство во напредниот блок.

„Целосно сум сигурен дека народот на Србија ќе гласа за неговата европска иднина и исто така да придонесе во смисла на нашата способност да го браниме нашиот легитимен интерес во Косово,“ им рече тој на новинарите откако гласаше во Белград.

Радикалната партија тврдеше дека потпишувањето на спогодбата со ЕУ била заобиколен пат за признавање на косовската независност, ветувајќи поблиски врски со Москва.

„Повторно ќе ја направиме Србија земја на горд народ, ќе ги браниме нашите граници и ќе соработуваме со секого, отворено со пријателите, но претпазливо со оние кои покажале дека не се наши пријатели,“ рече Николиќ откако гласаше.

Гласање на Косово

Коштуница, чија партија го означи Тадиќ како Јуда и предавник, би можел да го држи клучот за формирање секоја идна коалиција, но истата улога би можеле да ја имаат и Социјалистите на поранешниот претседател Слободан Милошевиќ.

Како и да е, многумина стравуваат дека Србија повторно се движи кон слаба влада, ако не и месеци политички препирки и нестабилност, додава нашиот известувач.

На Косово, националните и локални избори беа директно организирани од Србија, наспроти албанските и меѓународните власти.

Србија, Белград, избори
Белград е преплавен со плакати

Многумина косовски Срби го сметаа гласањето како шанса за конечен избор на вистински локални водачи, вели известувачот на БиБиСи од Приштина, Ник Торп.

Марко Јакшиќ, водач на косовските Срби во етнички поделената Митровица, рече дека се надева оти ќе победат Радикалите, опишувајќи го Борис Тадиќ како „омилена кукла“ на ЕУ.

Оливер Ивановиќ, умерен косовски Србин во градот, посочува дека победата на про-европските партии ќе биде од корист за Србија.

„Доколку демократските сили победат на овие избори, сигурен сум дека Србија набрзо потоа ќе биде во ЕУ“, рече тој.

„А како полноправна членка на ЕУ, Србија има многу поголеми можности за да си го заштити територијалниот интегритет“, изјави тој за новинската агенција „Асошиетед прес“.

 
 
НАЈНОВИ ВЕСТИ
 
 
Испрати имејл на пријател   Верзија за печатење
 
 
  За нас | Пишете ни
 
 
BBC Copyright Logo ^^ Назад на почеток
 
  Вести | Македонски печат | Британски печат | Учете англиски | Време
 
  BBC News >> | BBC Sport >> | BBC Weather >> | BBC World Service >> | BBC Languages >>
 
  Помош | Пишете ни | Приватност