BBCMacedonian.com

09. Мај 2008 - Објавено на 16:11 GMT

Причини за кризата

Зошто оваа мала земја, некогаш сметана за Швајцарија на Блискиот исток, е толку растргната од судири?

Во основа, постојат две причини.

Прво, бидејќи тоа е држава на малцинства кои никогаш не успеале сосема да го дефинираат својот национален идентитет а второ, бидејќи сите главни учесници имаат свои регионални или меѓународни сојузници, за кои Либан е пионче во многу поголема игра.

Во тековниот контекст, поделбите во земјата многу точно ја одразуваат главната трусна линија која оди преку целиот Блиски исток: поделба меѓу силите за или против Американците, сврзани во судир за доминација врз подрачјето.

Просто речено, ако владата во Бејрут успее да го задржи „Хезболах", од сојузниците на ова движење, Иран и Сирија, тоа ќе се смета за неприфатлива победа за Соединетите држави и нивните приврзаници.

Од друга страна, ако „Хезболах" добие предност, неговите противници тоа практично ќе го гледаат како либанско предавање на Иран.

Во минатото, судирите во Либан главно завршуваа со компромиси под секогаш почитуваниот слоган „без победници, без поразени".

Но сега, со слаба влада под постојан притисок од добро вооружено и длабоко вкоренето опозициско движење, компромисот можеби потешко ќе се постигне.