BBCMacedonian.com

09. Мај 2008 - Објавено на 15:56 GMT

„Напната политичка атмосфера“

В недела во Србија се одржуваат вонредни парламентарни и локални избори.

Уредникот на Српската редакција во Светскиот сервис на БиБиСи, Алексеј Зориќ, зборува за политичката клима во земјата пред изборите?

-„Прилично е напната ако се земе дека изборното тело е поделено на два големи изборни блока при што едниот би можеле да го наречеме проевропски, а другиот е повеќе национален блок. Тие се остро спротиставени околу главните теми: Косово и Европската унија."

Какви се ставовите околу Косово?

-„Па, сите партии имаат ист став со исклучок на една, Либерално-демократската партија, тие зборуваат дека Косово е Србија. Про-европската страна се залага Косово да се задржи, со тоа што во рамките на Србија ќе влезе во Европската унија, додека националната страна ја обвинува првата за предавство затоа што го потпиша договорот за придружување кон Унијата и дека ставила потпис покрај оној на земјите кои го признаа независно Косово."

Дали мерките што ги најавија западните земји како што е потпишувањето на договорот за стабилизација и асоцијација со Европската унија, укинувањето на визниот режим, па дури и најавата дека „Фиат" ќе произведува свои модели во поранешната „Застава", ќе имаат некакво влијание врз изборниот резултат?

-„Па изгледа дека ќе имаат. Малку е чудно што ЕУ вака отворено се вмеша во внатрешните прашања на една независна земја, зошто е прилично очигледно дека во овој момент станува збор за такви мерки. Мислам дека тие ќе има влијание врз поголемиот одзив на проевропските сили, но имам впечаток дека тоа ќе предизвика исто таков ефект и врз другата страна. Исто така на пример кога говорите дека е потпишан договор тоа е секако значаен гест, но од друга страна тоа и не е толку релевантно ако се знае дека тој нема да стапи на сила се додека Србија не соработува целосно со Хашкиот трибунал.

Укинувањето на плаќањето на визи со 17 европски земји исто така е интересна мерка, но ако знаете дека само 13% од Србите поседуваат пасош ,тоа е мерка која не погаѓа голем број избирачи. А со ФИАТ е потпишан договор за намери, и јас мислам дека ако победат националните сили компанијата брзо ќе се повлече".

Каква е состојбата со медиумите. Некои аналитичари велат дека тие заличуваат на оние од времето на Милошевиќ?

-„Секоја власт сака да влијае врз гласилата. Во Србија тоа е прилично успешно. Така што сите медиуми се под некаков вид контрола на политичките партии или на богати поединци, кои се блиски на оваа или онаа страна. Во таа смисла преку гласилата се води една прилично срамна медиумска кампања зошто се објавуваат работи кои се чисти невистини", вели Алексеј Зориќ, уредник на Српската редакција на БиБиСи.