BBCMacedonian.com

10. Мај 2008 - Објавено на 14:04 GMT

„Грција цени дека времето работи за нив“

Македонскиот претседател имаше обраќање до јавноста, на ден пред почетокот на кампањата за вонредните парламентарни избори во земјата.

Тој рече дека Македонија „мора и тоа со забрзано темпо да го продолжи својот пат кон НАТО и ЕУ. Тоа е процес за кој не постои друга алтернатива и тоа не само за РМ туку и за било која друга држава од овој регион“.

„Тоа е концептот кој отвора перспективи и гарантира трајна стабилност и економски развој“.

Црвенковски ги оцени претстојните избори како предуслов и тест за остварување на таквите аспирации.

„Се’ друго освен фер и регуларни избори, одржани во мирна и демократска атмосфера ќе претставува вистинска катастрофа за нашите аспирации и иднината на нашата земја“.

Тој предупреди на „огромната одговорнот со која се соочуваме сите но пред се’ државните институции задолжени за спроведување на изборите и политичките партии учеснички во нив“.

„Не е прашање дали можеме туку дали искрено сакаме, дали имаме политичка воља и чувство за одговорност кон иднината на нашата земја“.

За вонредни избори се изјасни парламентарното мнозинство, предводено од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, по иницијатива на опозициската партија на етничките Албанци, Демократската унија за интеграција.

ВМРО-ДПМНЕ сака поширок мандат заради „забрзување на реформите“. Партијата на премиерот Никола Груевски ја обвини опозицијата за кочење на реформите и неефикасност на Собранието.

Изборни одлагања

Одговарајќи на новинарски прашања, Црвенковски констатира дека изборите сепак предизвикале пролонгирање на преговорите, барем за еден одреден период.

„При тоа сум убеден дека ситуацијата на статус кво или период на неслучување ништо на овој план, многу повеќе или речиси исклучиво и’ одговара на Република Грција“.

„Имено, ние сме тие кои сакаме да го фатиме возот и да им се приклучиме на Албанија и Хрватска во процедурите за полноправно членство во НАТО, ние го ризикуваме датумот за преговори со ЕУ, за што одлука ќе падне во октомври ноември во Брисел“.

„Со предвремените избори и’ дадовме можност на Грција да ги одлага преговорите кога сака. Мислам дека тоа во оваа фаза и се случува. Не навлегувам во причините, можеме да шпекулираме. Меѓу другото, нивната проценка е дека времето сега работи за нив, во најмала рака за да се издржи овој период и да спласне интересот и притисокот од САД за во краток рок да се дојде до фер и разумно решение.

Тој сепак се надева дека по изборите, со забрзано темпо ќе биде надополнето пропуштеното.

Постапки пред ОН и Хаг

Откако неодамна упати писмо до генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун со кое го известува дека Грција „ја прекршила временета спогодба со која таа се обврза да не го попречува приемот на Македонија во меѓународни организации“, Црвенковски не сакаше да ги прејудицира следните чекори.

„Со ова го резервираме правото да покренеме соодветна постапка и пред ОН и пред Меѓународниот суд во Хаг“.

Црвенковски ја опиша Декларацијата за стратегиско партнерство меѓу САД и Македонија, потпишана неделава, како уште еден доказ за пријателството меѓу двете земји.

„Но таа не смее да е замена за полноправно членство во НАТО, што ни е порачано и од Вашингтон и од државниот секретар Кондолиза Рајс“, смета македонскиот претседател.