BBCMacedonian.com

22. Јули 2008 - Објавено на 16:22 GMT

Политичка биографија

Белградскиот суд нареди Караџиќ да биде префрлен до Меѓународниот суд за воени злодела во Хаг но неговиот адвокат најави дека тој ќе се жали на решението.

Од своја страна, главниот обвинител на Судот, Серж Брамерц, рече дека ова покажува оти никој не е над законот.

Но каков беше животот и за што е обвинет Караџиќ од граѓанската војна во Босна и Херцеговина?

Во текот на неколку крвави години во 90-те, Радован Караџиќ помогна да вивне лудилото на српскиот национализам во Босна.

Последиците беа најголеми злосторства видени во Европа по Втората светска војна, а кога се' заврши, тој се измолкна под заштита од мала група лојални следбеници.

Висок, мускулест, со бујна сива коса, тој не личеше на лидер.

Поет, образуван како психијатар, тој се пресели во политиката во времето кога Југославија покажуваше знаци на распаѓање.

Тоа беше процес кој заедно со неговите соработници, чудна група од интелектуалци и силеџии, направи многу за да го промовира.

Исходот беше геноцид над босанските Муслимани.

Ветрот се сврте против него дури и пред мировниот договор од Дејтон во 1995.

Но тој сепак остана култна личност меѓу српските националисти, заедно со неговиот поранешен командант генералот Ратко Младиќ, чии сили го извршија масакрот врз 8 илјади Муслимани во енклавата Сребреница, во источна Босна.

Но неговата поддршка во Србија веќе не е онаа што беше, откако за Белград стана поважно зачленувањето во Унијата одошто заштитата на осомничени воени злосторници.

Караџиќ наскоро ќе биде на пат за Хаг а некои посматрачи веруваат дека набрзо потоа ќе го следи и Ратко Младиќ.