BBCMacedonian.com

24. Јули 2008 - Објавено на 16:05 GMT

Долги редици на Ќафасан

Деновиве на граничниот премин Ќафасан крај Струга, на македонско-албанската граница, има многу луѓе и долги колони со автомобили кои сакаат да влезат во Албанија и чекаат и по неколку часа.

Барајќи море и аранжмани по цени прифатливи за домашниот стандард, македонските граѓани ова лето масовно заминуваат на одмор во соседна Албанија.

Оние што се враќаа, пак, имаат различни впечатоци од нивниот неколку дневен престој во Драч, Валона, Каваја или Саранда на југот од земјата.

-„Одлично е, супер е, полно е со туристи...Во Саранда има Македонци.“

-„Како град е многу убав, но плажи нема.“

Колку дена останавте?

-„Осум“.

Зошто се одлучивте за Албанија?

-„За Албанија кажуваа многу убаво, но мене не ми се допаѓа!“

-„Десет дена бевме, убаво поминавме, немаше проблеми. Трет пат по ред одиме, задоволни сме и цените се како кај нас. Цените се исти и во Охрид и во Албанија. Цената на апартманите во Албанија се движи од 20 до 30 евра на ден, истата цена е и во Охрид, а сепак си на Јадранско море. Тие бргу напредуваат.“

Најфреквентен граничен премин летово е Ќафасан на македонско-албанската граница. Според информациите од граничниот премин овде секојдневно поминуваат по околу 6000 патници.

Заменик командирот на преминот Ќафасан, Бајрам Лимани, вели дека интензитетот на сообракајот е најголем во вечерните и раните утрински часови:

-„Бројот на македонски граѓани кои заминуваат во овој период од годината во Албанија во однос на лани е зголемен за 40%. Дневно преку Ќафасан поминуваат околу 1300 автомобили и 40 до 50 автобуси“ - вели Лимани.

Во викендите околу 5500 до 6500 патници чекаат за на влез и излез од Република Македонија.

Албанските граѓани за влез во Македонија треба да одвојат вкупно 15 евра, 10 евра за виза плус ново-воведенето здравствено осигурување кое чини 5 евра.

За разлика од нив, македонските грагани пред да влезат во Албанија треба да платат 1 евро такса.