|
Реакции по најавената тужба од Македонија
|
|||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||
Вчера македонскиот министер за надворешни работи Антонио Милошоски најави дека Македонија покренала тужба против Грција пред
Меѓународниот суд за правдата околу кршењето на Привремената спогодба од 1995, со тоа што го блокирала приемот во НАТО на
априлскиот самит во Букурешт.
Со членот 11 Грција се обврзува да не го попречува зачленувањето на Македонија во меѓународните институции под името ПЈРМ. Нимиц и Грција Посредникот во грчко-македонскиот спор околу името Метју Нимиц соопшти дека е известен за покренатата тужба и вели дека во исто време добил уверување оти со постапката не се намалува посветеноста на македонската влада да продолжи да бара решение за спорот. Од грчка страна, портпаролот на министерството за надворешни работи Јоргос Кумуцакос соопшти дека смета оти владата на Груевски продолжува со тактика на одолговлекување. Се вели дека Македонија го прикрива фактот оти и самата кршела суштински членови од спогодбата но и добрососедските односи и за тоа Грција ќе поднесе документи. Со ова владата во Скопје потврди дека не е заинтересирана за брзо решавање на спорот за името на државата, се вели во грчкото соопштение. Портпарол на Меѓународниот суд е Борис Хајм и тој вели: -„Кога судот ќе донесе пресуда, таа е конечна и задолжителна. Значи, таа е задолжителна за државите и не е можна жалба. Ако државата не исполни некоја од нашите одлуки, единствената правна можност за државата која победила во спорот, е да поднесе жалба до Советот за безбедност на ОН, да побара од Советот да ги преземе сите неопходни мерки да ја натера државата која загубила да ја исполни пресудата. Во 99% од случаите државите ги исполнуваат пресудите, но тоа е политичко прашање, ние со тоа не се занимаваме.“ Реакции во Македонија На синоќешна трибина во Прилеп околу предизвиците и перспективите на земјата, македонскиот претседател Бранко Црвенковски не го коментираше директно потегот на владата Црвенковски no сепак се осврна на разликите меѓу неговите и ставовите на премиерот Никола Груевски:
-„Груевски без мене одлука може да донесе, ама тоа е голема одговорност, огромна, без разлика каква одлука ќе донесе: дали да ги прекине преговорите, дали да ги замрзне, дали да прифати компромис или нешто трето или четврто, одлуката ќе биде негова, одговорноста ќе биде негова, но од таа одговорност бегање нема.“ Магистер Јана Лозановска, еден од поборниците на идејата Македонија да се соочи со Грција пред меѓународните форуми, вака го оцени потегот на Владата: -„Во изминативе го потенцирав фактот дека треба да ги искористиме овие објективни правни средства кои ни стојат на располагање, така што јас го сметам како добар потег. Тоа е поентата на целата постапка – да се натера Грција да ја почитува онаа обврска од членот 11 дека Грција нема да не блокира во нашето членување во меѓународни или регионални организации.“ Професорот по меѓународно право Љубомир Фрчковски пак вака го коментира решението: -„Легална основа за тужбата постои, нема тука спор за тоа. Индиректното вето во Букурешт може да се подведе во нормални судски консидерации во кршење на спогодбата. Од мој аспект, Владата очекува разговорите за името да пропаднат, независно од нејзините декларативни стремежи и се обидува со оваа операција да го подготви теренот после пропаѓањето на разговорите и да се занимава јавноста со тоа како ние сме ја тужеле Грција, сме покажале кураж, како еве сега од тужбата ќе извлечеме ваков или онаков резултат.“ БиБиСи: Какви ефекти може да произведе евентуалното решение на судот? -„Ефектите можат да бидат повик до земјата да се почитува словото на договорот. Ќе има контратези дека тоа не било вето и блокада. Нашиве ќе треба да докажат дека било вето и блокада. Тоа може да се случи во период од 2-3 години. Се’ што е битно нам ќе ни се случува следната година. Независно што има легална основа за постапување, мислам дека е тоа потез кој треба да стави сенка на политичката ситуација на изолација во која Македонија ќе почне да завлегува.“ БиБиСи: Дали тоа значи дека преговорите се мртви? -„Мислам дека им е зададен удар бидејќи пораката е јасна, дека не се очекува решение околу тоа и затоа се отвора една вкава правна процедура. Оваа процедура веројатно ќе биде следена, ако немаме како очајници друга работа, со некоја правна процедура во Обединетите нации, обид да се корегира решението за прием. Тоа е постапка на очајници кои немаат друга политичка опција да го решат тоа. Тоа се долготрајни постапки, бараат големо лобирање и имање големо влијание, да гласаат во тие тела, гласачките машини да ги придобиете на своја страна. Неизвесни се, иако правдата може целосно да стои на ваша страна. Влегуваме во една операција на очајници во изолација“- вели професорот Љубомир Фрчковски во разговор за БиБиСи. |
ЛОКАЛНИ ЛИНКОВИ
Груевски без коментар за обвинувањата18 Ноември, 2008 | Вести
Европската комисија порачува продолжување на преговорите18 Ноември, 2008 | Вести
Македонија ја тужи Грција во Хаг17 Ноември, 2008 | Вести
Такис Михас, „Елефтеротипија“: „Ќе има пат позиција“17 Ноември, 2008 | Вести
„Вие сепак не сте Швајцарија“14 Ноември, 2008 | Вести
Отпуштен советник поради Македонија12 Ноември, 2008 | Вести
|
|||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||
|
||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||
|
||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||